Зошто исчезнал Кинг Конг?

Од:

Најголемиот мајмун кој некогаш одел на земјата изумрел пред околу 100.000 години откако поради климатските промени исчезнало шумското овошје со кое се хранел, наведуваат научниците. 

Gigantopithecus, кој според својот изглед најмногу потсетувал на познатото филмско чудовиште Кинг Конг, бил пет пати потежок од возрасен маж и висок околу три метри.
Во времето кога го достигнал врвот на својот развој, пред околу милион години, живеел во полутропски шуми во јужна Кина и југоисточна Азија.

Досега истражувачите не знаеле речиси ништо за неговата анатомија и навики.

Единствени фосилни остатоци со кои располагаат научниците се четири делумно зачувани долни вилици и околу илјада заби, од кои првиот е пронајден во 1930-тите години во една аптекарска продавница во Хонг Конг, каде бил чуван под името „змаев заб‟.

„Овие остатоци не можат да ни кажат дали животното се движело на две или на четири нозе и кои биле неговите телесни пропорции‟ – рече Ерве Бохеренс, истражувач од Универзитетот во Тибинген, пренесува Танјуг.

Научниците веруваат дека Gigantopithecus бил во сродство со орангутанот, но не знаат дали како него имал златно-црвено крзно или црно како горилото.

Друга мистерија претставува неговиот начин на исхрана: дали бил месојад или вегетаријанец? Дали сакал лисја од бамбус како и неговата современичка, праисториската џиновска панда?

Одговорите на овие прашања би помогнале на научниците да сфатат зошто изумрел овој монструм, кој сигурно не се плашел од ниту еден предатор.

Анализирајќи ги варијациите на изотопи на јаглерод на глеѓта на неговите заби, Бохеренс и меѓународен тим на истражувачи откриле дека овој древен Кинг Конг живеел исклучиво во шума, дека јадел само растителна храна и дека премногу не сакал бамбус.
Сето тоа функционирало во најдобар ред до моментот кога на земјата настапило ледено доба во тек на преистоценот кој траел од пред 2,6 милиони години до пред 12.000 години.

Тогаш природата и еволуцијата довеле до целосно изумирање на ова џиновско животно, наведе Бохеренс.

„Со оглед на својата големина, Gigantopithecus имал потреба од голема количина на храна‟ – објаснил тој.

„Кога во текот на плеистоценот шумите се повеќе се претварале во савани, станало се потешко да се дојде до храна‟ – рекол германскиот научник.

Според студијата, другите мајмуни и првите луѓе во Африка кои имале слично забало успеале да преживеат во речиси истите услови хранејќи се со лисја, трева и корени.
Од некоја непозната причина, џиновскиот мајмун, кој веројатно бил преголем за да се качува на дрвја и да се движи по гранките, не успеал да се прилагоди.

Климатските промени кои се случиле пред неколку сто илјади години биле одговорни и за исчезнување на бројни други видови, посебно на големи животни, од азискиот континент. 

Би можело да ве интересира

Развиена вештачка интелигенција која го открива ракот на дојката години пред да се развие

Ана Ололовска

Ѓоргиевска: Со заеднички ангажман да ја поттикнеме и поддржиме научно-истражувачката дејност кај жените

А1он

Јапонски научници развиваат вакцина против стареење

Ана Ололовска

Вештачка интелигенција предложи лек за редок рак кај децата

Ана Ололовска

„Стенфорд“: Ајнштајн бил во право за црните дупки

Ана Ололовска

Откриена мистериозна ДНК која асимилира гени од различни организми

Ана Ололовска