Пред 70 години во фабриката во Волфсбург почна сериското производство „Тип 1“, првиот повоен модел на „Фолксваген“, што во историјата стана попознат како „Буба“. Останатото е легенда.
Иако развојот на славната „Буба“ почнал уште пред Втората светска војна, овој модел стекна слава и широка популарност дури по капитулацијата на Германија, кога контролата врз погонот во Волфсбург ја презеле Британците.
Фабриката во која Германците во текот на војната изработувале опрема за потребите на својата војска, на 11 април 1945 година ја зазеле американските вооружени сили.
Военото производство е продолжено до завршувањето на судирот, а потоа управувањето со фабриката им било препуштено на британските окупациски власти.
Под нивна управа почнало и масовното производство на моделот „Тип 1“, што подоцна ќе се прослави под прекарот „Буба“.
Британците оваа производна линија ја прилагодиле на цивилните потреби, а фокусот бил на подобрувањето на квалитетот на изработените автомобили и воспоставувањето продажна мрежа.
Првите возила наменети за извоз ја напуштиле Германија во октомври 1947 година, а „Буба“ во следните децении се склопувала на повеќе локации ширум светот.
До јули 2003 година, кога беше завршено производството во последниот активен погон, во Мексико, од фабричките ленти се симнале вкупно 21.529.464 возила.
И покрај тоа што настанала во време на нацистичкиот режим, „Буба“ на крајот прераснала во позитивна икона на повоена Германија.