Треба да се зачуваат Шенген и слободното движење во ЕУ, изјави еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Димитрис Аврамопулос во соопштение по вонредната средба со претставници на Данска, Шведска и Германија во седиштето на Европската комисија.
Според него, неговите соговорници се согласиле дека треба да се ограничат преземените вонредни мерки и гранични проверки и што е можно поскоро да се обнови нормалното функционирање на Шенген.
-Единственото решение се општевропските дејствија за заштита на границите и исполнување на квотите за раселување, коментира еврокомесарот.
Претставникот на германското МВР, Уле Шредер, изјави дека неговата земја сака да се зачува Шенген.
-Воспоставивме гранични проверки затоа што над 3.000 мигранти дневно доаѓаат кон нашата земја. Важно е да ги нотирам причините и последиците – немаме ефикасна гранична контрола меѓу Грција и Турција, треба правилно да се примени системот за доделување азил, не дејствуваат квотите за раселување, па од овие прични ние не сме во состојба да постигнеме европско решение, оцени Шредер.
Шведскиот министер за правда Морган Јохансон посочи дека Шенген дава голема корист за Европа и важно е да се направи се што е неопходно за зачувување на овој систем.
-Шведска го направи потребното за надминување на систуацијата, ги прифативме законодавните измени за прашањето на азилот. Немаме намера преземените мерки да бидат применувани повеќе од потребното. Состојбата во Шведска минатата есен драматично се влоши, кога во последните четири месеци кај нас пристигнаа 115.000 мигранти, како и 26.000 непридружувани деца. Не сакаме тоа да се повторува. Треба да се предвидат мерки за пресекување на дотокот на мигранти кон северна Европа. Шведска може да направи и веќе направи многу, но не можеме да направиме се самите, коментира Јохансон.
Данскиот министер за миграциски прашања, Ингер Стојберг, пак, забележа дека нејзината земја засега не воведе одговорност за превозниците во однос на идентитетот на нивните патници.
-Сутуацијата ја набљудуваме од час во час, и оваа мерка може да се примени со многу кратко претходно известување. Не сакаме да бидеме последната точка за илјадниците баратели на азил, појасни Стојберг.
Данска неделава воведе проверки на своите граници со рок на употреба до 14 јануари.
Уште осум држави од Шенген досега преземаа мерки за враќање на проверките на границите. Германија, Австрија и Словенија воведоа проверки во септември минатата година, Унгарија во октомври, Малта и Шведска во ноември. Словенија и Унгарија проверките ги укинаа во октомври, а во декември тоа го направи и Малта.