Јутарњи лист – Загреб
Уставниот суд на БиХ ја прогласи неуставна одлуката Денот на Република Српска да се одбележува на 9 јануари, на денот кога во 1992 година е самопрогласено военото Собрание на Србите во БиХ. Претседателот на РС Милорад Додик, објави дека нема да ја почитува одлуката на Уставниот суд. На состанокот со Додик во Белград претседателот на српската влада Александар Вучиќ најави дека „речиси цела српска влада ќе присуствува на одбележувањето на Денот на Република Српска на 9 јануари‟ – пренесе белградскиот весник Политика.
Се заканува референдум
Ако Вучиќ го исполни ветувањето, тоа ќе биде најдрастично кршење на начелото за немешање во внатрешната политика на соседна земја од потпишувањето на Дејтонскиот договор во 1995 година. Тогаш и Хрватска и Србија се обврзаа дека ќе го почитуваат уставниот поредок и територијалниот интегритет на БиХ. Со доаѓањето на српскиот ентитет во БиХ на прослава на ден кој Уставниот суд на БиХ го укина, Вучиќ ќе даде за право на Додик во кршење на одлуки и надлежности на државните институции на Босна и Херцеговина.
Вучиќ и Додик се состанаа во вторникот во Белград. Премиерот на Србија изјави дека разговарале за сите важни политички теми, за „потенцијално одржување на референдум за судовите и обвинителствата, за политичките тензии во БиХ, а на Додик му била претставена состојбата во Србија‟. Додик се заканува со организирање на референдум за прекин на соработката со српскиот ентитет со Обвинителството и Судот на БиХ, што остро го осудија и Брисел и Вашингтон, но Белград изгледа во тоа не гледа ништо спорно.
Врз основа на барањето за оцена на уставноста кој го поднесе бошњачкиот член на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ, Уставниот суд на БиХ на 26 декември Денот на РС 9 јануари, го прогласи за неуставен. – Јас таа одлука нема да ја спроведувам, а тие тоа нека го врзат за една работа – порача тогаш Додик, заканувајќи се дека Србите нема да учествуваат во заеднички институции додека таа одлука не се повлече.
Војна со институциите
Хрватите ја поддржаа одлуката на Уставниот суд: Божо Љубиќ лидер на Хрватското народно собрание на БиХ, орган кој ги собира сите хрватски партии во таа земја, изјави дека нема причина да се слави тој датум, кој симболизира прогонство на 95 отсто Хрвати од денешното подрачје на РС. Хрватската страна се приклучува на Додик во критиките на Уставниот суд и бара измена на законот за Уставниот суд, меѓу судиите повеќе да нема странци. Но, Љубиќ смета дека тоа не може да биде причина за блокада на институциите.
Војната на Додик со Уставниот суд е само последна во низата негови не-вооружени војни со институциите на БиХ. Кога минатиот месец безбедносно-разузнавачката агенција СИПА уапси неколку осомничени за воени злосторства и ја претресе зградата на полицијата во Босански Нови, барајќи воена документација, објави дека РС повеќе нема да соработува со СИПА.
Вистината за Јасеновац
По неколку дена тензии полицијата на РС ја продолжи соработката со СИПА. Меѓутоа, заканата за референдум Додик не ја повлече, а со одлуката на Уставниот суд дополнително го вжешти судирот со Сараево. Александар Вучиќ во Белград објави дека заедно со Република Српска во 2016 година ќе организира собир по повод 75 годишнината од основањето на логорот Јасеновац.
Во април ќе организира одбележување на годишнина која тоа масовно
страдање на Србите ќе го приближи до општата и регионалната јавност, пренесе Политика.