Австрија вратила стотици мигранти во соседна Словенија изминатите денови, поради тоа што излажале за својата националност, надевајќи се дека ќе им се зголемат шансите за да добијат азил, изјави денеска портпаролот на австриската полиција.
За време на рации во јужната провинција Каринтија, каде секој ден пристигнуваат по околу три илјади мигранти, полицајците и преведувачите забележале зголемување на нерегистрираните мигранти, чии јазични способности не соодветствувале со националноста која ја изнеле.
– Претпоставуваме дека некои од пристигнатите се обидуваат да ја искористат ситуацијата, знаејќи многу добро дека имаат мали шанси да добијат азил во Австрија и Германија, изјави тој и додаде дека стотици такви мигранти биле вратени во Словенија од 26 декември до денеска.
Портпаролот посочи дека на Сиријците и на Авганистанците многу почесто им се дава азил, отколку на мигрантите од други земји.