Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров вчера разговараше со лидерот на турската прокурдска партија Селахатин Демирташ за конфликтот во Сирија и за потенцијалната поддршка на Москва за курдските групи кои се борат против Исламска држава.
– Ние знаеме дека има ирачки и сириски Курди кои со оружје на теренот се борат против заканата од ИД и другите екстремни групи, му кажа Лавров на својот соговорник Демирташ, лидер на турската Демократска народна партија, пренесоа француските медиуми.
Лавров додаде дека Русија е подготвена активно да соработува со оние кои се борат против таквата закана.
Демирташ е првата истакната личност од Турција во посета на Москва од соборувањето на рускиот авион на турско-сириската граница, на 24 ноември, што доведе до криза во односите меѓу Анкара и Москва.
Турската Влада ја критикуваше посетата на лидерот на водечката курдска опозициска партија на Русија.
-Зошто заминуваат таму во момент кога со оваа земја имаме криза заради нивното прекршување на нашиот воздушен простор, се запраша турскиот премиер Ахмет Давутоглу, потсетуваат француските медиуми.