Проектот „Северен поток 2“ не одговара на правилата на Европската унија за диверсификација на доставата на енергенси и ќе ја поткопа улогата на Украина како транзитна земја, изјави денеска претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.
Полска и неколку други држави побараа проектот да биде разгледан на самит во Брисел.
– „Северен поток 2“ ќе го зголеми количеството на руски гас, доставуван директно до Германија, а со тоа ќе се изиграат европските правила за диверсифицирање на доставата на енергенси, извори и маршрути за транзит. Ако биде изграден „Северен поток 2“, со тоа ќе се зголеми зависноста на Европа од еден извор и 80 проценти од доставата на гас ќе биде од Русија. Покрај тоа „Газпром“ ќе има доминантна позиција на германскиот пазар, наведе Туск.
Тој додаде дека низа земји, вклучително Италија и Бугарија не разбираат зошто според нормите на ЕУ „Јужен поток“ е невозможен, а „Северен поток 2“, кој е до Германија е возможен.
– Одлуката за „Северен поток 2“ треба да биде донесена од цела Европа, а не со билатерални преговори на одредени држави до доставувачите на енергетски суровини, посочи Туск.
Германската канцеларка Ангела Меркел наведе дека станува збор за економски проект со учество на приватни инвеститори.
– Украина треба да продолжи да има улога на транзитна земја, потенцира Меркел.
На самитот на Еу прашањето за „Северен поток 2“ беше поставено од италијанскиот премиер Матео Ренци.
– Германија и Холандија инсистираат дека одлуката за „Северен поток“ е трговско прашање, а гледаме дека во него има и значителен политички поттекст, наведе Ренци.