Власта направи целосна ерозија на квалитетот, стручноста и моралот на правосудството во Република Македонија.
„Сваровски“ судството 10 години е под директна контрола на владеачката гарнитура. Токму состојбите во правосудството и партизираното судство беше една од темите за дискусија на трибината на Либерално-демократската партија во Свети Николе, насловена “Македонија после Груевизмот – Либерални решенија“.
Даница Чадиева, Генерален секретар на Форумот на жени на ЛДП, обвини дека власта од судството направи мрежа од роднински, брачни и вонбрачни партиски судии.
„Денес, од 770 судии, колку што има во Репубилка Македонија, околу 400 од нив се избрани во време на владеење на оваа власт. Во една ваква хаотична, нарачана судска постава, како граѓаните да очекуваат одлуки донесени врз основа на закон,одлуки во кои правилно е применето материјалното право?“, праша Чадиева на трибината на ЛДП во Свети Николе.
За ЛДП, самото постоење на паралелно Јавно обвинителство, наречено ‘специјално’, е доказ дека правосудниот систем во Македонија не фунционира и дека судството е далеку од независно.
„Најголем доказ за тоа дека судството во Македонија не постои, барем она независното, е Катица Јанева и нејзиниот тим. Фактот што специјален јавен обвинител треба да работи на случаи во кои во сите други земји е работа на Основното обвинителство е уште еден доказ дека Зврлевски одамна требаше да биде заминат“, рече Чадиева.
ЛДП смета дека Македонија мора да заврти нова страница во судството, да ја врати довербата кај граѓаните во правосудниот систем со судство и судии кои имаат интергитет, капацитет, морал и углед за вршење на функцијата. Со самата реализација на проектите на ЛДП, во државата повторно, после 10 години, ќе почне да владее правото.