Голем дел од нафтата што се произведува на териториите под контрола на џихадистичката група Исламска држава (ИД) завршува во Сирија, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу.
– Вистината е дека голем дел од нафтата на ИД ја купува режимот во Сирија. Што прави потоа со неа, дали ја продава на други држави или на други лица најдобро знаат разузнавачките структури. Турција води сериозна борба против шверцот на нафта и тоа не само од страна на ИД, туку и од други земји, нагласи Чавушоглу.
Според него, само во текот на минатата година Турција запленила околу 90 милиони тони шверцувана нафта.
– Затоа во никој случај не може да се каже дека нашата држава купува шверцувана нафта, додаде Чавушоглу.
Обвинувањата од страна на Чавушоглу следат откако руското Министерство за одбрана пред десетина дена соопшти дека има докази оти турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и неговото семејство заработуваат од препродажба на нафта што потекнува од териториите во Сирија и Ирак што се под контрола на ИД.