Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, на својот ФБ профил одговори на низата обвинувања, кои денеска, за него ги изнесе премиерот Никола Груевски, во неговото интервју за Прес 24.
Еве што напиша Жерновски:
Колку само гнев има во изјавата на Груевски, на прашањето што мисли за мене. Толку многу ли му пречам, што морал да посвети толкаво внимание во нарачаното интервју? Сепак, тој што нешто го боли, има и право да се жали. Барем тоа треба да му биде дозволено, иако не треба да претерува и не му личи толку да жали за изгубените избори во една општина.
Во своите одговори, користејќи уличен говор, Груевски изнакажа низа квалификации и лаги. Се разбира, јас нема да се спуштам на неговото ниво. Тоа што тој така говори, само ја потврдува успешноста на нашата работа.
Сепак, се прашувам, што е тоа што го боли Груевски најмногу? Да не е тоа нешто во врска со оној плацот на Водно? Да не жали човекот за шамарите што не успеа да ги подели? Дали е можеби новоизградената и најсовремена градинка, која што во три мандати неговите градоначалници не успеаа да ја изградат?Можеби е основното училиште кое го започнуваме? Не знам.
Но, знае тој многу добро што се’ е направено, и покрај секојдневните притисоци токму од неговата Влада, а знаат и граѓаните. Нема потреба сега за тоа да зборувам, како што љуби да каже тој, народот сака дела и тој знае да ги препознае. Патем, сакам да му порачам да ги научи законите и надлежностите на градоначалниците. Мостови и булевари не се во надлежност на општината, но занесен во нападите, бара од мене и тоа да го направам.
И додека Груевски си одговара на нарачани прашања по своите портали а вратите му се затворени насекаде во Европа, јас сум на состанок во министерството за надворешни работи на Франција. Денес остварив средба со директорот за Балкан, Гијом Русон а утре имам средба и со заменик градоначалникот на Париз, со кој треба да воспоставиме соработка.
И покрај ниските удари и навредите, јас ќе го поканам да дојде во општина Центар и да се прошетаме по улиците. Се’ уште се прашувам, зошто додека се шеташе по сите општини низ Македонија, “заборави” да дојде во Центар? Човекот тука живее, но не ја посети својата општина! Ќе можеше да види што се’ направивме за овој краток период. Го разбирам, можеби не сака да си ги отвора старите рани, знаејќи го одговорот на прашањето дали ќе излезат центарци да го пречекаат, бидејќи тој е веќе од поодамна прочитана книга.