Државниот архив на Република Македонија во соработка со Генералната дирекција на Државните архиви на Република Турција, а под покровителство на претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, организира симпозиум на тема „100-годишнината од Првата светска војна, фронтот на Чанаккале и нивните глобални последици“, кој ќе се одржи од денеска до 12-ти овој месец во Скопје.
Симпозиумот ќе го отворат директорот на Државниот архив на Република Македонија Филип Петровски и Џезми Ераслан од Институтот за начелата на Ататурк и историјата на обновата на Турција при Универзитетот во Истанбул. Најавено е и обраќање на претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов.
На симпозиумот ќе учествуваат историчари од Турција, Бугарија, Унгарија, Полска и Македонија.
Теми на симпозиумот се „Регионот и светот пред Првата светска војна“, „Неповолните влијанија на Првата светска војна врз народите од регионот“, „Законот за воените злосторства на фронтот на Чанаккале“, „Националните и меѓународните последици од Првата светска војна“, „Македонскиот фронт во Првата светска војна“ и „Фронтот кај Чанаккале од воена перспектива“.
Во рамки на симпозиумот Државниот архид организира и изложба на тема „Одбележување на стогодишнината од распарчувањето на Македонија и од Првата светска војна“.