Уметници и теоретичари од Македонија, Грција, Албанија, Косово и Србија во сабота и недела (5-6 Декември) ќе се сретнат во Скопје во Младинскиот културен центар МКЦ на изложба и конференција „Nationless/Актуелизација“ во организација на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје на соочување и размена на регионална теорија, активизам и уметнички практики.
Ова е последниот од серијата настани од проектот Nationless во кој ќе сретнат теоретичарите и уметниците од Македонија, Грција, Албанија, Косово и Србија и кои преку уметнички дела и свои излагања ќе ги прикажат своите согледувања за можностите на соработка и заедничко истражување во уметноста и теоријата на балканот во насока на преиспитување, реструктуирање и актуелизација на ослободувањето и автономијата наспроти националистичкото производство на субјективноста.
Во сабота во 20:30 часот, во галеријата на Младинскиот културен центрар ќе биде отворена изложбата „Actual art, a rupture within the antagonism“ во која учество ќе земат Драган Протиќ, Бранко Тешевиќ, Даринка Поп Митиќ, Курс Организација, Олсон Ламај, Дритон Селмани, Висар Арифај, Јорданис Стилидис, Ангелики Авгитиду , Нада Прља , Филип Јовановски , Велимир Жерновски и Ѓорѓе Јовановиќ.
Во недела од 17 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар ќе се одржи дискусија со наслов „Sabotaging the nationalist recurrence, towards a theory of possibilities“ а свои обраќања ќе имаат; Ивана Момчиловиќ, Артан Садику, Агон Хамза, Винсент ван Гервен Ои.
По првиот настан Автономија/Ослободување одржан во април во Скопје во Младинскиот културен центар , Нација/ Индоктринација одржан во јуни во Белград во Музејот на историја на Југославија , Рефлективната носталгија и нејзината секојдневна естетика, одржан во октомври во Музејот на современа уметност во Солун, Актуелизација е четвртиот и финален настан од проектот Nationless , заеднички труд на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, ДАМ-ДАШ- Белград и Универзитетот во Солун – Оддел за балкански, славистички и ориентални студии.
„Проектот NATIONLESS цели да отвори простор за уметничка интервенција, промислување и пре-промислување на проблемот на национализмот и неговата општествена репродуктивна моќ во рамките на специфичен фокус на прекинатата комуникација и скоро целосното отсуство на соработка меѓу регионалните уметници и интелектуалци. Целта, сепак, не е да се надмине овој проблем на недостаток на соработка туку, попрво, преку уметнички интервенции да се предизвикаат конкурентните национализми вo различните земји преку уметничко-политички и теоретски истражувања на идејата за „нацијата”.. Проектот претставува противтежа на постојните политички тенденции преку ангажирање на активисти за рушење на социјалните последици од популарниот национализам.“, велат оргаизаторите на проектот.