Од денеска почнува практичната примена на здравствената електронска картичка.
Дистрибуирани се 65.000 здравствени картички на вработени во 1.300 државни и јавни институции и на членови на нивните семејства. Подготвени се и треба да се достават уште 133.000 здравствени електронски картички.
Здравствените електронски картички ќе може да се користат во сите здравствени установи и аптеки, каде се обезбедени минимални услови.
Здравствената електронска картичка на почетокот ќе биде само замена за сините картони, а понатаму може да се надгради и да содржи и здравствени информации. Засега има само лични податоци за осигуреникот, кој при првото користење на картичката ќе треба да впише пин од комбинација на пет бројки.
Сите осигуреници здравствени електронски картички треба да добијат до средината на наредната година.
Во наредните три години здравствената електронска картичка ќе се користи паралелно со старата здравствена книшка.
Здравствената електронска картичка чини 250 денари за вработените, 100 денари за невработените и оние со ниски примања и пензионерите, а социјалните случаи врз основа на потврда од Министерството за труд и социјална политика ја добиваат без надомест.