Јавната установа Завод за рехабилитација на слух говор и глас „Кочо Рацин“-Битола во соработка со Лајонс клубот „Кабадаја“ денеска на Широк Сокак го одржаа традиционалното дефиле-марш посветен на Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби.
Манифестацијата, која годинава се одвиваше под мотото „Обоиме во пријател“, се одржа со цел да се запознае јавноста, да се укаже на проблемите, но и да покажеме дека ние сите живееме во еден ист свет и сме сите исти, истакна Марија Додовска, членка на Лајонс клубот „Кабадаја“-Битола.
– Оваа традиционална акција ја организираме по шести пат и ги обединуваме сите центри кои имаат свои штитеници, деца со пречки во развојот. Дефилето по Широк Сокак е масовно и има единствена цел и порака дека со децата не треба да се дружиме само еднаш годишно, туку почесто и во секакви прилики, борејќи се притоа за правата на овие деца и нивна рамноправност во општеството, посочи Додовска.
Според Горица Поповска Налевска, регионален координатор на ресурсниот центар за деца со посебни потреби, формирањето на центарот во Битола овозможил обезбедување на секакви информации од интерес на децата и нивните родители.
– Овозможуваме брзи информации за социјална и здравствена заштита или правна заштита. Мислам дека успеваме да ги менуваме состојбите и да ја подобриме прифатеноста на лицата со посебни потреби од другите лица во општеството, а доколку се променат некои законски акти состојбите ќе бидат уште подобри, бидејќи децата живеат во специфични услови и со родители кои се изложени на големи финансиски трошоци. Посакуваме да се зголеми посебниот додаток, измена на законот за работни односи, правото на туѓа нега и друга помош, нагласи Поповска Налевска.
По повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби во салата на Битолскиот театар беше приредена културно уметничка програма „Обоиме во пријател“ која ја изведоа деца од основните и средните училишта.