Министерството за култура информира дека на 10. седница на Меѓувладиниот комитет на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото која се одржува од 30 ноември до 5 декември во Намибија, Република Македонија успешно го впиша Гласоечкото машко двогласно пеење од Долни Полог, Тетовско, во Листата на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото за ургентна заштита.
„Гласоечко, машко двогласно пеење од Долни Полог“, е традиционална форма на вокална музика специфична за овој регион. Ова карактеристично полифоно пеење, кое со генерации се пренесува усно, се препознава како симбол на културниот идентитет на македонскиот народ од овој регион кој токму во гласоечките песни ги вградил својата историја, митологија, традиција и култура. Задоволство и чест е што на овој состанок, од осумте предложени добра за впишување на оваа листа, Република Македонија се најде во четирите прифатени и впишани добра со што и перспективно се отвораат можности за финансиска поддршка од УНЕСКО за негова понатамошна заштита и афирмација на домашно и на меѓународно ниво.
„Гласоечко“ е трето културно добро кое Република Македонија за многу кратко време го впиша во листата на заштитени добра на УНЕСКО. Пред две години го впишавме првото културно добро, уникатниот верски обичај од Штипско, „Четрсе“, на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото, а минатата година и македонското оро „Копачка“, соопшти Министерството за култура.