Националната галерија на Македонија организира средба „Разговор посветен на публиката“ со концептуалниот уметник Владо Мартек од Хрватска. Средбата ќе почне во 12 часот во објектот Чифте амам, каде што од 24 ноември е поставена изложба на негови дела, насловена „Огледалото на Мартек – сетете се на уметноста“. Претходно, од 11 часот хрватскиот сликар, есеист, поет и концептуалист ќе одржи прес-конференција.
Владо Мартек (Загреб, 1951) живее и работи во Загреб и Ровињ. Дипломирал книжевност и филозофија на Филозофскиот факултет во Загреб (1976). Во почетокот се занимавал со визуелна и конкретна поезија, од средината на 1970-тите – со концептуализам, акционизам, со уметнички книги, и aут принт (22 самиздати, летоци, плакати, разгледници).
Од почетокот на 1980-тите се занимава со сликарство, скулптура, графика, ленд арт. Пишува поезија, текстови и критики за ликовни практики. Објавил единаесет книги – од збирки поезија, збирки текстови и инсценирани фотографии, до книги есеи за современата уметност и две коавторски изданија на графички мапи.
Делата на Мартек се наоѓаат во музеи, галерии и приватни збирки, меѓу кои: МоМа во Њујорк; Лудвиг музеј во Виена; Модерна галерија во Љубљана; МСУ во Загреб; во збирката на Рене Блок, Берлин, Збирката на Ерсте банка, Виена, три дела од фазата на концептуалистичката практика се наоѓаат во збирката на Музејот Помпиду во Париз…