Британскиот министер за одбрана, Мајкл Фалон изјави дека Владата во Лондон се уште нема обезбедено мнозинство во Долниот дом на Парламентот за поддршка на планот за вклучување на Кралското воено воздухопловство (РАФ) во нападите на позициите на џихадистичката група Исламска држава (ИД) на сириската територија.
– Во овој момент немаме обезбедно мнозинство, но Владата работи за да дојде до доволно гласови, изјави Фалон.
Гласањето за владиното барање за да се прошири мисијата на британските воени авиони во воздушните напади и врз Сирија, а не само врз Ирак, се предвидува да се најде на дневен ред оваа недела.
Министерот Фалон призна дека имал посебна средба со дел од пратениците на опозициската Лабуристичка партија и ги брифирал за позициите на Владата, без разлика што за ова прашање, минатата недела во Долниот дом зборуваше, премиерот Дејвид Камерон.
Владата има мнозинство од 12 пратеници, што го обезбеди на мајските парламентарни избори, но околу бомбардирањето на ИД на сириската територија, тоа не е сигурно, затоа што не се знае како ќе гасаат дваесетина пратеници на владејачката Конзервативна партија, кои сега се против таа идеја.
Фалон вели дека Владата ќе има серизони проблеми доколку не обезбеди подршка и од опозициските лабуристи, кои сега се поделени околу ова прашање.
– Ако лабуристте, на крајот, сепак, се определат да гласаат против владиното барање, тогаш не се знае каков ќе биде крајниот исход, вели министерот за одбрана.
Лидерот на лабуристите Џереми Корбин е против бомбардирање на ИД на територијата на Сирија, но половината од неговиот Кабинет во сенка, ја подржува Владата и му се заканува со оставки.
Пратеници вршат притисок врз Корбин да прифати „слободно гласање“ во Долниот дом, односно гласање според личното уверување, а не според партиската дисциплина.
Шкотската национална партија (СНП), која е трета по бројот на пратениците во Парламентот, најави дека ќе гласа против.