Со официјална церемонија денеска во Министерството за одбрана е одбележана нова редовна ротација на македонски контингенти во рамки на мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан и во мисијата „Алтеа“ во Босна и Херцеговина.
Во рамки на мисијата „Одлучна поддршка“, соопшти денеска МО, 13 македонски мировници ќе бидат распоредени во Командата за обука, советување и асистенција во главниот град Кабул. Тие се дел од македонскиот контингент во мисијата „Одлучна поддршка“, каде Република Македонија придонесува со вкупно 39 припадници.
На свеченоста по повод испраќањето на двата контингентa, министерот за одбрана Зоран Јолевски посочил дека за Министерството најважно е Република Македонија достојно да биде претставена во меѓународните мировни мисии и сите припадници на АРМ здрави и живи да се вратат назад кај своите семејства.
– Вие сте високо обучени и јас сум сигурен дека одлично ќе ги завршите дадените должности и задачи. НАТО и земјите партнери се насочени кон зајакнување на авганистанските безбедносни сили и со цел тие да ја преземат целосната одговорност за безбедноста на Авганистан, нагласил Јолевски.
Kако што стои во соопштението од МО, началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски посочил дека офицерите упатени во мисии се најдоброто што Армијата го има во своите редови. Тој додал дека процесот на селекција е транспарентен, што овозможува избор на најдобрите од најдобрите.
На свеченоста присуствувал и амбасадорот на Република Турција во Република Македонија, Шолендил, кој истакнал дека Република Македонија заслужува да биде дел од НАТО алијансата.
Со денешната церемонија официјално се одбележува и упатувањето на двајца штабни офицери во мисијата „Алтеа“ во Босна и Херцеговина, во рамки на долгодишниот придонес на Република Македонија кон оваа мисија на Европската Унија.