За нешто повеќе од една година јужнокорејскиот производител на автомобили КИА изгради нова фабрика во Мексико во која годишно ќе се произведуваат по околу 300.000 возила.
Фабриката, чија изградба и опремување чинеше три милијарди долари, е изградена за 13 месеци во областа Нуево Леон, во близина на границата со САД. Тоа е и најбрзо изградена фабрика во историјата на КИА.
Годишниот капацитет на фабриката ќе изнесува 300.000 автомобили, а во директно производство и во другите фирми кои ќе произведуваат компоненти ќе бидат вработени околу 70.000 работници.
КИА сега поседува 11 фабрики во Јужна Кореја, Кина, Словачка, Русија и САД.
Околу 60 отсто од автомобилите од новата фабрика во Мексико ќе бидат наменети за пазарите во САД и Канада, додека 20 отсто ќе се продаваат во Мексико. Остатокот е наменет за земјите на Латинска Америка.
Кога ќе почне сериското производство, од фабричките ленти ќе излегува по еден автомобил на секоја минута.
КИА истакна дека мексиканскиот погон ќе има минимално влијание на загадувањето на животната средина. Во фабриката се вградени ЛЕД светла за дополнителна заштеда на енергија, додека отпадните води ќе минуваат низ специјална постројка за преработка пред повторно да се вратат во природниот тек.