Папата Франциско денеска им порача на христијанските и муслиманските лидери во Кенија дека немаат многу избор туку да покренат меѓусебен дијалог за да се одбранат од „верските напади“ на исламските екстремисти, кои во последно време се чести во Кенија.
Верските претставници, додаде папата, мораат да бидат „пророци на мирот“ во светот полн со омраза, и дека меѓуверскиот дијалог не е луксуз ниту опција, туку дека е просто неопходен.
Поглаварот на Римокатоличката црква исто така истакна дека верата не може да се користи за оправдување на насилството и изрази жалење бидејќи „младите луѓе пречесто радикализираат во име на верата, за да се предизвика неслога и страв и од корен да се уништи нашата заедница“, пренесуваат локалните медиуми.
Папата Франциско за време на средбата со христијаните, муслиманите и останатите верски претставници, исто така рече: – Мислам дека е многу важно нашето заедничко верување дека Бог на кој сите му служиме е Бог на мирот. Исклучително е важно да бидеме пророци на мирот, миротворци кои ги повикуваат другите да живеат во мир, слога и меѓусебно почитување.
Папата во текот на денот во Најроби ќе одржи и миса во универзитетскиот кампус и говор за климатските промени во регионалното седиште на ОН во Кенија.
Утре папата Франциско ќе ја посети Уганда, втората од трите дестинации за време на неговата шестдневна африканска турнеја.