Фена – Сараево
Во отворен папамобил на улиците на Најроби, Кампала и Бангуј, до сиромашните квартови и џамиите, папата Франциско денеска ќе замине на африканска турнеја, каде ќе посети три земји Кенија, Уганда и Централноафриканската Република. Тоа ќе биде најризично патување во понтификатот, наведе АФП, а воедно и прва посета на папата Франциско на црниот континент. Во пет дена од распоредот, од 25 до 30 ноември, папата ќе пренесе пораки на мирот, социјална правда и дијалог меѓу исламот и христијанството.
Неговото обезбедување ќе биде засилено бидејќи патувањето доаѓа во време непосредно по нападот на терористите на Париз и заложничката криза во хотел во главниот град на Мали, Бамако, една од акциите со која џихадистите се обидуваат да ја дестабилизираат северна Африка.
На своето 11 патување откако ја презеде катедрата на св. Петар, Франциско ќе одржи 19 говори. Ќе слушне сведоштва на деца војници, жртви на сида и жртви на војните и бедата. Најочекуваниот настан ќе биде во недела на 29 ноември, кога Франциско ќе ја отвори Светата врата во катедралата во Бангуј, десет дена пред да се прогласи во Рим почеток на Светата година на милосрдието. Франциско очекува дека прогласувањето на тој јубилеј (Света година) ќе придонесе за помирување и проштевање во католичкиот свет и надвор од него.
„Ако ја отвори Светата врата во Бангуј, јубилејот првпат ќе почне на периферијата. Тоа најдобро ја покажува доктрината на овој папа, понизната Црква која секогаш е со сиромашните‟- рече Џулио Албанесе, експерт на Ватиканското радио за Африка.
Но, тоа можеби нема да се случи. Шефот на ватиканската полиција Доменико Џани предупреди дека може да дојде до промена во програмата во Централноафриканската Република (ЦАР), каде се уште има насилства меѓу христијанските и муслиманските полиции по неодамнешната граѓанска војна, ако има безбедносни проблеми.
Преодната претседателка на државата Катерина Самба-Панза може да објави дека безбедносните причини не дозволуваат посета на папата непосредно пред неговото доаѓање, пренесе висок извор. Во тој случај Франциско само неколку часа би се задржал на пространата улица во Бангуј под будно око на мировници на ОН.
Во тој случај ќе се откаже посетата на бегалскиот камп, застанување на молитва во џамија во злогласниот кварт ПК5, мисата на стадионот и отворањето на Светите врати.
„За папата тоа би било пораз. Кога ја договараше посетата во Африка, Централноафриканската Република му беше прва на ум‟ – рече еден соработник на Франциско. Разочарани би биле и илјадници верници од ЦАР и околните земји.
Пред тоа Франциско ќе оди во две англофонски африкански земји Кенија и Уганда, каде католиците се 32 отсто, т.е. 47 отсто од населението и каде заканата од напади на сомалиските исламисти од ал-Шабаб секогаш е присутна.
На ниту една од нив ова нема да биде прва посета од папата. Јован Павле Втори во Кенија бил три пати, а Уганда била прва африканска земја која ја посетил некој римокатолички поглавар, Павле VI во 1964 година.
Во нив може да се очекуваат силни пораки на Франциско против нееднаквоста и корупцијата која како чума се шири во светот на сите општествени сфери, од политиката до Црквата.
Во Најроби ќе го посети најголемиот „слум‟ во Кенија, Кангеми, во кој живеат 100.000 луѓе. Во Уганда ќе го посети хуманитарниот центар Налуколонго.
„Општествената исклучивост е сериозен проблем во двете земји. Во Кенија 75 отсто богатство е во рацете на еден отсто жители‟ – вели отецот Албанесе.
Неколку дена пред отворањето на клучниот париски климатски самит сите нетрпеливо ќе ги чекаат говорите на папата во Најроби пред програмата за околината на ОН (УНЕП) и за домување (УН-Хабитат). Франциско е жесток борец за околината и нема да бира зборови во борба против глобалното затоплување и експлоатацијата на Земјата поради профити, со што дополнително ќе го засили притисокот на политичките лидери пред Париз.
Во Уганда ќе одаде почест на сите христијански маченици во Африка, прогонети поради верски, културни, политички, сексуални верувања. Во универзитетот Намугонго ќе одржи миса за првите африкански светци, 22 млади христијански маченици кои живи биле запалени кон крајот на 19 век, бидејќи не сакале да се откажат од верата. Ги канонизирал Папата VI.