Терористите удрија во деликатен момент од француската и европската историја
Фајненшал тајмс – Лондон
Секој њујорчанец и лондончанец инстинктивно знае што проживеаја Французите тоа утро – мешавина од шок, ужас, хаос и страв за иднината.
Но, од друга страна, споменот од терористичките напади од 2001 година во Њујорк и од 2005 во Лондон, покажуваат дека големите градови се издржливи. Тие се во состојба да се соземат од терористички чинови со зачудувачка брзина и енергичност.
Да речеш дека терористите „нема да го победат Париз“ не е израз на предизвикувачко неприфаќање на реалноста. Такви се просто фактите.
Во Париз историјата е неделлив дел од градот, а насилствата и шокантните случувања биле неодвоив дел од него. Насекаде има по нешто кое потсетува на револуцијата, колењата, војните и на окупацијата – не само во музеите, туку и во имињата на улиците и во самата архитектура на градот. Но, и покрај сето тоа, Париз се претвори во израз на убавина, ведрост и творечки дух.
И макар што нема сомнеж дека Париз ќе се соземе, исто така е вистина и дека овој напад беше извршен во особено деликатен момент од француската и европската историја.
Само пред десет месеци француската престолнина стана жртва на крвавите напади врз спсианието „Шарли Ебдо“ и еден европски супермаркет, по што на улиците излегоа да демонстрираат милиони луѓе за да покажат дека нема да паднат на колена.
Но, бројот на жртвите по последните напади е многу поголем. Фактот дека тој втор бран напади се случи толку брзо по масакрот во редакцијата на „Шарли Ебдо“ ќе го засили чувството на несигурност.
Непосредните политички прашања се дали ќе се смени францускиот курс кон Блискиот Исток и дали сето тоа ќе влијае на некој начин на претстојните регионални избори во Франција, кои треба да се одржат следниот месец.
Се тврди дека терористите извикувале нешто за војната во Сирија. Франција ги изведе првите воздушни напади врз радикалните џихадисти на ИД во Сирија во септември, а веќе неколку месеци учествува во бомбардирањата против организацијата во Ирак.
Минимална е веројатноста дека францускиот претседател Франсоа Оланд ќе реагира на терористичките напади со прекинување на учеството на Франција во војната против ИД. На краток рок, поверојатно е военото учество уште повеќе да се засили.
Внимателно ќе се следи реакцијата на француските избирачи на регионалните избори. Истражувањата на јавното мислење и вака и онака укажаа на победа на Марин Ле Пен, лидерката на екстремно десниот Национален фронт (ФН), кој по традиција се противи на муслиманската имиграција и се бори за воспоставување на гранична контрола. ФН значително може да профитира од нападите. Некои од нивните аргументи и така веќе почнаа да се користат од традиционалните десноцентристички партии.
Терористичките напади во Париз беа извршени и во време кога Европа се наоѓа во екот на миграциската криза. Во ситуација кога Германија се подготвува годинава да прими над еден милион бегалци – од кои повеќето доаѓаат од Блискиот Исток, кој е опустошен од воени конфликти, се засилува внатрешниот притисок врз канцеларот Ангела Меркел да ги затвори германските граници за нови мигранти.
Уште пред нападите во Париз, Шведска, која прими повеќе имигранти по глава на жител од која било друга држава во Европската унија, објави дека делумно ги затвора своите граници за нови бегалци, макар и како привремена мерка.
По случувањата во Париз, Меркел ќе биде ставена пред големи искушенија да преземе слични чекори и да го намали политичкиот и социјалниот притисок врз својата Влада. Но, таа ќе треба да води и сметка за опасните последици од таквата мерка за балканските држави, низ кои минува маршрутата на мигрантите.
Точното потекло на терористите со сигурност ќе ја промени дебатата по нападите. Но, ако претпоставките за можната врска на напаѓачите со исламски терористички движења се потврдат со факти, дебатаат за западната политика за Блискиот Исток ќе стане поинтензивна, но не мора да значи и појасна.
Една од можните последици ќе биде фокусот на западната политика да се измести уште повеќе кон поразување на џихадистите од ИД и истовремено во заден план да бидат ставени дополнителни цели, како што е смената на сирискиот претседател Башар Асад.
Всушност, Франција застана на чело на земјите кои опстојуваат на мислењето дека Асад е во центарот на проблемите во Сирија. Во следните седмици малку е веројатно политичкиот курс кон Асад да претрпи целосна промена.
Поверојатно е таа политика да претрпи развој во идните месеци кога ефектите од акциите, поуките и самиот шок од терористичките напади во Париз веќе ќе бидат исконзумирани.