Во центарот на Скопје возрасен маж попладнево се закануваше дека ќе си го одземе животот и ќе скокне од зградата позната како „Макошпед“ на улица Македонија.
Човекот се качи на четвртиот кат од задниот влез на зградата без да го приметат градежните работници кои ја реновираат фасадата. Во мигот кога го приметиле се обидувале да го убедат да се повлече, но тој одбивал.
Како што велат очевидиците човекот се жалел на сиромаштијата, дека не му е исплатена социјалната помош и дека има семејство кое не може да го издржува.
-Рече дека е дете без родители и дека немал работа. Бараше да му се најде некаква работа или ќе се самоубие – вели граѓанин кој се нашол случајно на местото.
Околу половина час траеше драмата пред да дојдат полициски службеници. Полицијата успеа да го смири и да го натера човекот да се симне.
Маја Васева