Грција и Турција треба да се борат заедно против трговијата со луѓе и да ја координираат работата на нивните полициски служби и крајбрежна стража за да помогнат при справување со бегалската криза, истакна грчкиот премиер Алексис Ципрас во статија во денешниот број на весникот „Сабах“, пренесува БТА.
Ципрас се очекува да пристигне во посета на Турција подоцна денеска и заедно со турскиот колега Ахмет Давутоглу ќе присуствува на пријателски фудбалски натпревар помеѓу националните тимови на двете земји во Истанбул. Утре тој ќе има официјални разговори со Давутоглу.
Ципрас, во написот за „Сабах“ истакнува дека неговата посета на Турција ќе биде можност за „давање нов поттик“ на односите меѓу двете земји, особено во услови на растечката бегалска криза.
– Ние мора да разговараме повеќе за тоа како да се бориме против шверцерските мрежи и како да ги координираме и да овозможиме соработка на полициските служби и крајбрежната стража во однос на проблемот со миграцијата, забележува Ципрас.
Тој исто така повика на „праведно и остварливо“ решение на кипарскиот проблем, базирано на резолуциите на ОН.
– Безбедноста во нашиот регион не може да се обезбеди без безбедност во Егејското Море. Тоа не може да се направи под закана од војна или преку засилени нарушувања на грчкиот воздушен простор, истакнува Ципрас. Само преку обезбедување на добрососедски односи врз основа на меѓународното право можеме да изградиме здрави основи за нашата идна соработка, наведува грчкиот премиер.
По повод мерките за безбедност на денешниот натпревар во Истанбул, на кој ќе присуствуваат Ципрас и Давутоглу, од турската фудбалска федерација соопштија дека нема да се дозволува издигнување на пароли на стадионот и само претставниците на медиумите ќе можат да внесат „професионални“ камери.