Групата Исламска држава веројатно подготвува други операции, слични на нападите во Париз, изјави шефот на ЦИА, Џон Бренан, цитиран од француските медиуми.
– Сметам дека тоа не е единствената подготвена операција на групата ИД. Не сметам дека овие напади биле изолиран инцидент, рече Бренан во вашингтонскиот Центар за стратегиски и меѓународни истражувања.
-ИД не ги ограничува своите смртоносни активности на Ирак и Сирија и не се задоволува само со создавање свои локални филијали на Блискиот исток, југоисточна Азија и Африка, а создала програма за надворешни операции, која сега ја применува со смртоносни резултати, изјави тој.
„Службите за безбедност и разузнавање во овој момент работат засилено за да видат што можат да направат повеќе за ИД да ја истераат на виделина“, уверува шефот на ЦИА.
САД не ги потценија заканите од ИД, изјави Бренан, цитиран од американските медиуми
Успесите на САД и нивните коалициски партнери да го задржат фокусот на групата во рамките на Ирак и Сирија е „причината ИД да се ориентира кон други држави“ за изведување на своите напади.
-Неизбежно е дека ИД ќе се обиде да изврши уште такви напади, но за мене не е неизбежно тие да имаат успех, изјави шефот на ЦИА.
Специјалните служби имале „стратегиско предупредување“ за терористичките настани во Париз, изјави Бренан, цитиран од ТАСС.
-Во оваа смисла атентатите „не беа изненадување“ во однос на директните и несомнени закани за Европа, рече тој.
Бренан увери дека многу од конкретните терористички закани и ризици навремено се откриваат и спречуваат. Европските служби, меѓутоа, се преоптоварени затоа што во Европа „има исклучително многу луѓе кои заминале во Сирија и Ирак и потоа се вратиле од таму“, забележа тој.
Се уште нема конечни заклучоци за извршителите на атентатите во Париз и за соборувањето на рускиот патнички авион Ербас А321 над Синајскиот Полуостров, но тие носат белези дека се дело на Исламска држава, рече Бренан, кој го изрази своето сочуство до Русија и Франција за преживените трагедии.