Очевидците згрозени од чинот во скопската населба Хиподром каде мајка утрово го фрли својот 6-годишен син Марко, опишуваат како детето беспомошно паѓало од терасата додека пред зградата го чекале избезумениот татко и неколку соседи.
Според нив, полицијата не ја сфатила сериозно мајката дека ќе го фрли сопственото дете, па не поставиле душеци. Очевидците потресено кажуваат како мајката најпрво се обидела да разговара со својот сопруг кој бил симнат пред зградата, а неколку минути подоцна, таа го фрлила своето дете.
– Имаше сомнение дека ќе го фрли детето. На четвртиот спрат излезе госпоѓата и го повика сопругот. Го зема детето, го седна на терасата и само го турна надоле. Најлошо беше од се што детето удри на една шипка за алишта што беше на третиот спрат. Јас и таткото го чекавме долу. Сигурен сум дека го фативме, дојде до земјата, но не удри на земјата. Јас детето го зедов, го ставивме во амбулантната кола, детето беше живо, дишеше, му течеше крв од устата, значи докторката веднаш притрча, вели очевидецот Златко Ордевски.
Тој додава дека акцијата за спас на детето и мајката не биле добро спроведени, од причина што не ја сфатиле сериозно дека ќе го стори тоа.
– Кога се јавивме во болница, ни кажаа дека детето е добро, но има удар од шипка. Сопругот разговараше со неа, многу кратко беше тоа, за една до две минути таа го фрли детето. Ги знаеме како соседи, само сакам да кажам дека требаше да се сфати посериозно и да реагираат што побрзо, додава Ордевски.
Според другиот очевидец, откако мајката го фрлила детето, полицијата продолжила да преговара со неа, со цел да не се фрли и самата.
– Додека преговараа со неа, детето веќе го однесоа во болница. Таа седна на прозорецот, се собра полицја и народ со цел да преговараат со неа. После тоа дојде свекрва и, која почна да и вика убиј се и ти, вели очевидецот.
Тој додава дека мајката, најверојатно од паника, кога го видела полицаецот решила да се фрли и самата.
– Полицаецот се спушти од шести спрат со јажиња со цел да ја спаси, а кога го виде него од страв најверојатно се фрли и таа. Страшно, сурово. Не знам од која причина тоа го направила, додава очевидецот.
Жителите од зградата која со приземјето брои осум ката се видно потресени и не сакаат да ја коментираат драмата пред камери, но кажуваат дека никогаш не би можеле да замислат дека мајка би можела да го стори тоа на сопственото дете.
Александар Тодески