Папата Франциско изрази длабока болка по нападите во Париз и истакна дека е богохулење да се користи Божјото име за оправдување на насилството и омразата.
– Сакам цврсто да повторам дека патот на насилството и омразата не ги решава проблемите на човештвото и дека употребата на името Божјо за оправдување на овој пат е богохулство, изјави папата пред илјадниците верници на плоштадот „Св. Петар”.
– Пред такво варварство занемуваме и се прашуваме како човечкото срце може да планира и врши толку ужасни дела, кои ја потресоа не само Франција, туку и целиот свет”, рече папата и ги повика верниците да се молат заедно со него за невините жртви на нападите.
Ова е првпат, папата Франциско зборува јавно за петочните напади во Париз, иако во радиоинтервју вчера тој ги окарактеризира како нечовечки и како дел од третата светска војна.
Групата „Исламска држава“ ја презеде одговорноста за нападите, во кои беа убиени 129 лица, и изјави дека се одмазда за француската воена интервенција во Сирија и Ирак.