Во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“ вечерва беше отворена изложбата на слики од 13-тата меѓународна ликовна колонија „Карпино“.
Кумановци имаат можност да проследат 30-тина дела изработени од петнаесет уметници од повеќе држави, Македонија, Србија, Украина, БиХ и Бугарија кои учествуваа на оваа традиционална колонија,чиј организатор е здружението на граѓани Мултимедијален Центар Карпино. Делата се работени во класична и комбинирана техника.
– Уметниците твореа осум дена во населбата Карпош,како и последните четири години. Радува најавата на кумановско-осоговската епархија,дека полека ќе заживува и Карпинскиот манастир„-изјави,Зоран Павловски,претседател на здружението.
Уметничкиот директор на колонијата, Мирослав Величковски,изјави дека уметниците имале можност да соработуваат и разменат искуства.
– Ова меѓународна ликовна колонија овозможи сплотување на различни култури од кои произлегоa овие дела, изјави Величковски.
Градоначалникот на општина Куманово ,Зоран Дамјановски на отварањето, истакна дека колонијата има долга традиција и оти општината преку секторот и фондацијата за култура ја поддржува манифестацијата.
– Има прекрасни дела кои ќе останат во витрините на нашите институции, рече Дамјановски.
Делата,од ликовната колонија ќе имаат можност да ги проследат и љубителите на ликовната уметност од повеќе градови од државата. Отварањето на ликовната изложба е дел од програмата за одбележување на Денот на ослободување на Куманово.