Со 96 гласа за и 3 гласа против, пратениците го изгласаа дневниот ред на денешната седница во собрание, кој брои 5 закони и една предлог одлука договорени меѓу политичките партии.
Во агендата е законот за влада кој вклучува промена во министерските позиции во МВР и во министерството за труд и социјална политика.
Овој закон е посебна точка на дневниот ред поради што опозицијата обвини дека владејачката коалиција има тактика денеска да се избегне спомнување на имињата на новите министри предложени од СДСМ.
Координаторот на Социјалдемократите, Горан Сугарески, побара законот за Влада да се разгледа пред сите други точки, откако координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски образложи дека овој закон е од државен интерес.
„Ова не го бараме од технички, туку од суштински причини, Димовски кажа дека од повисоки интереси, затоа бараме оваа точка да биде прва. Од суштинска важност е да му овозможиме на премиерот веднаш да стави потпис на оваа точка и да ги предложи министрите и заменик министрите, за да не се губи време. Да не дозволиме ВМРО-ДПМНЕ и понатаму да го кочи договорот од Пржино. Нека дојде Груевски, нека ги предложи министрите денеска или утре, за да не губиме време“, рече Сугарески и наиде на негодување од пратениците на власта.
„Знам болна точка ви е МВР“, додаде Сугарески.
На законот за владата недостасува потпис од пратеничката група на ДПА, додека останатите предлог точки се потпишани од координаторите на 4-те најголеми политички партии.
Дневниот ред не го поддржаа само 3-те независни пратенички.
Следи комисиска расправа по законите, по што во 19 часот е закажана пленарната седница за пратениците конечно се произлезат по овие точки.
Станува збор за Предлог на одлука за основање Анкетна комисија за скандалот со прислушувањето, Предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, Предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, Предлог-закон за заштита на приватноста, Предлог-закон за заштита на укажувачи и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Влада.
Маја Васева