Организацијата „Хјуман рајтс воч“ денеска соопшти дека повеќе од 400.000 сириски деца во Турција не посетуваат училиште и покрај одлуката на турските власти да им одобри пристап до училишниот систем во земјата.
Како причина за слабото посетување на наставата се наведуваат јазичките бариери, проблемите во интеграцијата и финансиските тешкотии, соопшти ХРВ, а пренесуваат американските медиуми.
Оваа американска организација за заштита на човековите права ја повика меѓународната заедница да обезбеди „итна финансиска и техничка поддршка“ на иницијативите кои ќе го зголемат пристапот на сириските деца во школувањето во Турција.
-Доколку сириските деца не добиваат образование во опасност се доведува цела една генерација, соопшти „Хјуман Рајтс Воч“.
Во Турција во моментов се наоѓаат повеќе од два милиона бегалци од Сирија, од кои, како што се проценува, 708.000 се деца на училишна возраст.