„По триесетина години фасадната столарија во основното училиште „Димитар Миладинов“ ќе се смени со енергетски ефикасна столарија, со нови прозорци и врати. Учениците ќе се заштитат од студ и провев.
Во општина Центар ќе се формира социјално претпријатие „Нега Плус“, во кое лица, поранешни жртви на семејно насилство и членови на еднородителски семејства ќе се грижат за старите лица. Вработените лица ќе го одржуваат домовите на старите лица, ќе им дават морална и логистичка поддршка и ќе обезбедуваат нега и хигиена“, велат од Општина Центар.
„Ова се двата проекти кои што на вчерашниот граѓански форум на општина Центар беа избрани како најприоритетни, меѓу осумте предложени.
Ова, посочи градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, е одличен пример како треба да функционира соработката меѓу граѓаните, граѓанскиот сектор и локалната власт“, пишува во соопштението на Центар.
„Изборот на овие два проекти е внимателна комбинација на деца и возрасни. Тоа се лица на кои треба да им се посвети внимание. Децата од центарското основно училиште ‘Димитар Миладинов’ и идните генерации кои ќе учат во ова училиште ќе престојуваат во многу подобри услови. Од вечерва, овие проекти ќе станат реалност“, рече Жерновски.
Граѓанските форуми во општина Центар ги имплементира Фондацијата за развој на локалната заедница и Центарот на заедницата на општина Центар, со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено Општество – Македонија, во рамките на концептот „Општина по мерка на граѓаните“.