Граѓанската платформа „Ајде“, ги повикува сите граѓанки и граѓани, вечерва, сабота, 31 октомври 2015, во 21 часот, да учествуваат на протестниот перформанс пред зградата на Влада на Република Македонија, под мотото „Ноќ на лицето на режимот“.
„Членовите и поддржувачите на „Ајде“ ќе ја искористат таканречената – Ноќ на вештерките – да го изразат незадоволството од актуелната Влада. „Ноќ на лицето на режимот“ е перформанс преку кој уште еднаш ќе го покажеме режимот во неговата вистинско светло и ќе му ги симнеме маските на сите негови наводни успеси, вработувања, победи, прослави и грижа за обичниот човек.
Ги поттикнуваме граѓан(к)ите да размислат кое е според нив вистинското лице на режимот. Тоа може да биде носител/ка на јавна функција или пак, случка која останала врежана во сеќавањето како вечен симбол и потсетник на владеењето на актуелната политичка гарнитура попозната како „МВРО-ВМРО“, „Дуинг бизнис“ и др.
Дојдете вечерва, во 21 часот пред Влада, заеднички да ги изразиме револтот, гневот и болката која непрекинато ни ја нанесува режимот во изминатите 10 години“, се вели во соопштението на АЈДЕ.