Извештаите за напредокот на Република Македонија и останатите земји-кандидати и потенцијални кандидати за членство во Европската унија, се очекува да бидат, конечно објавени во четврток (5 ноември).
Иако не сакаше официјално да потврди, портпаролот на Еврокомисијaта Маргаритис Схинас, денеска не негираше дека конечната објава на годишните прогрес-извештаи ќе се случи идната недела, со оглед на тоа што се чека одржувањето на парламентарнтие избори во Турција, земја-кандидат што поради бегалската крзиа сега е најважна за Брисел.
– Следете внимателно, порача портпаролот Схинас за информацијта дека еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, ќе ги објави извештаите во четврток.
За Република Македонија, тоа значи дека до четврток на пладне, за кога се очекува Хан да ги презентира извештаите пред Еворпскиот парламент, ќе биде неизвесно дали ќе добие седма последователна препорака за отворање на преговорите за членство во Унијата.
Според најавите, дотогаш, доколку има напредок во преговорите меѓу четирите политички партии во земјата за усвојување на точките од договорот од 2 јуни/15 јули, се очекува ЕК да додели препорака за преговори. Во случај на продолжување на преговорите, тогаш се очекува Хан да соопшти условена препорака со усвојување на точките од договорот, додека во случај на целосен крах до четврток на политичките преговори во Македонија, тогаш земјата ќе остане без препорака.