Светски познатата пејачка ѕвезда Наташа Атлас, препознатлива по нејзниот успех во обединувањето на Западната и Источната класична музика, особено од нејзиното комбинирање на најсовремениот електронски звук со арапски мелодии и инструменти, е годинешен најатрактивен гостин на Битолскиот фестивал „Музика од Светот“.
Наташа Атлас деновиве одржува концерти во Париз, Женева, Минхен, Вроцлав, на 26. октомври ќе го промовира најновиот албум чиј продуцент е прославениот музичар Ибрахим Малуф, а на 6 ноември, на нејзиното прво гостување во Македонија, ќе настапи во Битола, истакна Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола.
– Седмото издание на „Музика од Светот“ нуди два ретки концерти и го потврдува трендот на врвни музички имиња кои гостуваат во Битола. Годинава имаме најатрактивна програма, на 5. ноември ќе гостува Керим Ѓорсев, врвен џез пијанист од Турција кој со своето трио ќе настапи во придружба на Камерниот оркестар на Битола. Следниот ден, на 6. ноември во големата сала на Центарот за култура ќе настапи светската ѕвезда Наташа Атлас која во Битола воедно ќе ја има промоцијата на нејзиниот најнов албум, истакна Димитровски.
Наташа Атлас има широка соработка со реномирани уметници од најразлични музички жанрови вклучувајќи ги Питер Габриел, Шинед О’Конор, Жан Мишел Жар и други.
За време на фестивалот во Битола ќе биде промовиран најновиот музички материјал, албумот „Шербет Љубојна“ на етно групата „Љубојна“ и гостинот Исмаил Лумановски, чиј издавач е НУ Центар за култура-Битола, беше потврдено на денешната прес конференција во овој град.
Фестивалот „Музика од Светот“ е поддржан од Министерството за култура, а партнери на овој културен настан се Францускиот Институт и Француската Алијанса со седиште во Битола.