На уметникот Јован Балов денеска ќе му биде врачена плакетата за европско лице на годината, која ја доделува Европското движење во Република Македонија.
Организаторот во соопштение наведува дека носителот на годинашното признание „европска личност на годината“, Јован Балов, успеа да направи „културен“ мост меѓу Скопје и Берлин и да го внесе европскиот дух во Македонија, а македонските автори да ги претстави пред европската публика.
Неговите заслуги, со кои ја промовирал Република Македонија низ Европа и светот во периодот од 2000 година до денес се многубројните проекти со врвно успешно презентирање на македонската современа уметност и култура. Од нив, се издвојуваат изложбите во Германија, Русија, Словенија, Франција, Грција, Австрија, Полска, Финска, Израел, Англија, Србија, Италија и многу други земји.
Од 2004 година до денес во галеријата „Прима центар“ во Берлин по заслуга на Балов се реализирани над 180 изложби и презентации, на кои се претставени околу 400 странски автори. Меѓу нив има реализирано 69 изложби на македонски уметници, во кои се претставени 115 уметници и културно-уметнички работници од Македонија.
Европското движење во Република Македонија оваа титула досега им ја додели на Борис Трајанов, Ана Дурловски, Тоше Проески, Влатко Стефановски, Симон Трпчевски и Луан Старова од областа на културата, како и на Борис Трајковски, Радмила Шекеринска, Вања Ефремова, Живко Мукаетов и Љупчо Коцарев.
По свеченото доделување на признанието ќе се одржи и дебата на тема „Културата интегрира, уметниците поврзуваат“, на која се очекува да присуствуваат претставници на академската средина и уметници.