Бродови на руската Воена морнарица стационирани во Средоземно Море можат да почнат со напади врз групата Исламска држава во Сирија, изјави во интервју за весникот „Комсомолскаја правда“ заменик-началникот на Генералштабот на руските Вооружени сили, генерал-полковник Андреј Картаполов,
Како што јави ТАСС, запрашан дали по неодамнешните руски напади врз џихадистите со крилести ракети од Касписко Море, што прелетаа над Иран и Ирак, Русија би можела да спроведе слични акции и од Средоземното Море, Картаполов одговори дека „без сомнеж“ тоа ќе го сторат.
Терористите од ИД во Сирија ги напуштаат своите позиции и се обидуваат да се скријат во тешко достапни локации, пештери или се кријат во џамии и болници, мешајќи се со локалните жители, рече тој.
– Ние продолжуваме да ја исполнуваме нашата задача. Од почетокот на операцијата во Сирија нашите авиони изведоа над 600 летови, а напади се изведени и врз 380 објекта на ИД, забележа Картаполов.
Според него, како резултат на руските воздушни напади ИД има претрпено многу сериозни загуби.
– Нападите на меѓународната коалиција во Сирија повеќе им пречат на владините сили на Башар ал-Асад, отколку на групата ИД, рече Картаполов за весникот.
Коалицијата предводена од САД изведува напади врз инфрастуктурни објекти на ИД – мостови, подвозници и надвозници, електростаници, топлификациски мрежи, вододни канали и водни станици, што животот на луѓето го прави неподнослив, потенцира генералот.
Картаполов изјави дека рускиот Генералштаб не ја исклучува можноста во Сирија да содаде воена база со поморска, воздушна и копнена компонента.