Поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциско го повика денеска светот да го отфрли „идолопоклонството на парите“, истакнувајќи дека човековата алчност го води општеството во пропаст.
Во интервју за „Пари мач“, папата рече дека сегашниот светски економски систем е неодржлив.
– Капитализмот и профитот не се ѓаволски доколку не им се поклонуваме, рече папата.
– Во секој случај, доколку парите и профитот по секоја цена станаа идоли кои ги обожуваме, и доколку алчноста е основа на нашиот општествен и економски систем, тогаш нашето општество оди во пропаст, рече папата.
Човештвото мора да се откаже од обожување на парите и наместо тоа во центар да ја стави личноста, општото добро и идните генерации кои ќе ја населат Земјата по нас, рече папата и додаде дека претстојниот самит за климатските промени во декември во Париз, може да помогне во тој правец.