Обвинителката на Меѓдународниот кривичен суд во Хаг, Фату Бенсуда, побара одобрение за почнување истрага на претпоставените воени злосторства и злосторства против човештвото, извршени во кратката војна меѓу Русија и Грузија во текот на август 2008 година, за контролата врз Јужна Осетија, пренесоа светските агенции, повикувајќи се на соопштение на МКС.
Обвинителката Бенсуда од судиите во МКС побарала одобрение за ваквата истрага што ќе го опфати периодот 1 јули – 10 октомври 2008 година, пренесува Танјуг.
Русија и Грузија пет дена војуваа во август 2008 година. Оваа секавична војна заврши со руска воена победа и потоа Москва ја призна независноста на грузискиот сепаратистички регион Јужна Осетија.
За време на оваа кратка војна и кампањата што следеше меѓу 13.400 и 18. 500 лица од грузиско потекло принудно биле раселени, а 5.000 станови биле разурнати. Во Јужна Осетија грузиското население е намалено за најмалку 75 проценти. Меѓу 51 и 113 цивили од грузиско потекло биле убиени за време на оваа кампања, водена, де факто, од властите на Јужна Осетија со можна интервенција на членови на руските вооружени сили, посочува обвинитеката на МКС, која потсетува дека кампањата имала за цел од Јужна Осетија да го избрка населението со грузиско потекло.
Обвинителката на МКС бара да ги истражи и нападите, извршени врз војници од мировната мисија во Јужна Осетија.
Доколку судиите на МКС го одобрат барањето на Бенсуда тоа ќе биде прва истрага на Трибуналот за конфликт надвор од Африка.