Тренерот на македонскиот кошаркарски шампион Алеш Пипан изрази задоволство од победата над Игокеа, но нагласи дека неговите играчи не смеат да му дозволат на противникот резултатски да се враќа по голема негатива како што тоа беше случај на претходните два дуела, а истото се случи и на вчерашната средба.
– Честитки на моите играчи за заслужената победа против силен тим како што е Игокеа. Сепак, ни се повтори истото од претходните две средби. Имавме големо водство затоа што три четвртини одигравме според договорот, а тогаш пад во играта. Знам зашто е тоа така и на следните мечеви тоа треба да го спречиме. Ние немаме 12 играчи кои на исто ниво, па кога менуваме играта паѓа. Исто така противниците знаат дека останавме со еден плејмејкер, кој исто така не е целосно залечен, па постојано ни играат пресинг. А, тогаш, некои од играчите излегуваат од концептот, сакаат сами да решаваат во одредени моменти и доаѓаме во тешка ситуација. Како и да е, сега полесно се дише, а веќе на натпреварот со Сутјеска ќе се обидеме да ги вратиме изгубените бодови од натпреварите со Партизан и Мега Лекс, истакна Пипан, на прес-конференцијата по победата над Игокеа.
МЗТ Скопје Аеродром победи со 75:70, а на полувреме водеше со 48:29.
Следниот дуел за МЗТ Скопје е в недела во Никшиќ против Сутјеска во 6.коло од АБА лигата.