Женската македонска ракометна репрезентација го забележаа вториот пораз во квалификациите за Европското првенство 2016. Синоќа во Скопје, Хрватска убедливо со 36:22 ја совлада Македонија за максимален ефект по две одиграни рунди.
Подмладената македонска репрезентација имаше сили за отпор до резултат 6:7, а беше пропуштен и напад за изедначувачување, по што гостинките предводени од „вардарката“ Андреа Пенезиќ резултатски се одлепија и на полувреме заминаа со четири гола предност (15:11).
Македонија имаше добри моменти и на почетокот на вториот дел. „Црвено-жолтите“ не реализираа пенал при 14:17, а потоа следуваше серија од пет погодоци во низа за Хрватска и победникот беше решен.
Најефикасна во македонскиот состав беше Сара Ристовска со осум голови, кај Хрватките Пенезиќ девет пати се запиша во листата на стрелци.
Денеска во групата 2 играат Словенија – Црна Гора.
Табела: Хрватска 4 бодови, Црна Гора 2, Словенија 0, Македонија 0.