Илјадници луѓе денеска протестираа во Берлин против плановите на Европската унија да потпише договор за слободна трговија со САД и Канада.
Според полицијата на протестите учествувале приближно 100.000 луѓе, а според организаторите имало 250.000 лица.
– Тоа е најголем протест по многу години во Германија, изјави директорот на граѓанското движење „Кампакт“.
ЕУ и САД уште од 2013 година преговараат за трансатлантска зона за слободна трговија, но процесот бавно напредува. Германската Влада предводена од Ангела Меркел го поддржува договорот наречен Трансатлантско трговско и инвестициско партнерство (ТТИП), тврдејќи дека тоа со договорот ќе се стимулира трговијата и светската економија. Според Меркел ТТИП ќе и помогне на ЕУ конечно да ги санира последиците од должничката криза.
Во Германија има силен отпор кон ТТИП, што е оценет како опасност за намалување на стандардите за квалитет на единствениот пазар и потиснување на европските артикли од поевтини, но и понеквалитетни продукти.