Уметничката организација Проектен простор Прес ту егзит ќе учествува на 5. издание на „Art Market Budapest“, интернационален уметнички саем во Унгарија кој се одржува од 8 до 12 октомври, во културниот центар „Millenaris“ во Будимпешта.
Саемот ќе понуди презентација на широк спектар на уметнички дела од околу 30 земји од светот, претставени од домашни и интернационални галерии и непрофитни организации. Тој е концепиран како единствена уметничка композиција од највозбудливите изложбени простори во Европа, која освен што претставува изложувачи добредојдени од уметничките саеми со најстара традиција, акцентот го става и на присуството на младата генерација на галеристи и уметници.
Со тоа саемот дефинира нов културен регион: „Young Europe“, каде можат да се најдат комбинирани влијанија од поранешните комунистички земји од Балтикот до Балканот, од извори на културна инспирација каква што е Турција, Израел, земјите од Централна Азија или прогресивната нова генерација на уметници од Западот.
Проектниот простор Прес ту егзит свое претставување ќе има во рамки на посебната селекција која ја претставува уметноста од земјите од Западен Балкан, а во која е вклучена и гостувачката балканска програмата. Програмата вклучува осум земји од Западен Балкан кои се вклучени во т.н. Брдо процес (особено по неговото заживување во 2013 година), а покрива уметнички практики од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, Србија и Словенија, нагласувајќи ја нивната разновидност.
Во рамки на истото ќе бидат изложени делата на уметниците Дијана Богдановска, Велимир Жерновски, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ и Јане Чаловски. Изложбата е една од етапните презентации на развојниот кураторски проект Каде да (не) одиме? кој се реализира во рамки на кураторските активности на Проектниот простор Прес ту егзит. Избраните уметници се поврзани во кохезивен колектив, пред се, преку социјалните и политички аспекти на нивните селектирани дела.