Во организација на „Локомотива“ – Скопје, македонскиот визуелен уметник Иван Ивановски ќе биде на резиденција во уметничката асоцијација „2angles“ од градот Флер во францускиот регион Долна Нормандија од денеска до 20 октомври.
„Локомотива“ – Скопје од 2013 година активно ја води програмата за уметничка размена како дел од програмата за Децентрализирана соработка во рамки на која се овозможуваат резиденции на француски уметници и уметнички групи во Македонија, резиднеции на македонски ументици во Долна Нормандија како и соработка со и помеѓу македонски и француски културни институции.
Во рамки на оваа програма, Локомотива оствари партнерство со уметничката асоцијација „2angles“ од градот Флер, регион Долна Нормандија која понуди двонеделна резиденција за македонски визуелен уметник. Со површина од 400 квадратни метри, оваа асоцијација располага со три изложбени простори, резиденцијални студија за уметници, ценар за документација и студио за изведбени уметности. Таа е отворен простор за креација кој им нуди можност на уметниците за работа, развој на дела, средби и размена.
Во текот на резиденцијата, македонскиот визуелен уметник Иван Ивановски ќе работи на своето дело – уметничка инсталација во простор насловено „Напуштен/и град/ови”. На крајот на резиденцијата Ивановски ќе направи презентација на своето дело пред уметничката заедница и публиката во градот Флер.
Иван Ивановски беше еден од уметниците кои се јавија на отворениот повик за оваа резиденција, и беше селктиран од 10-те пријавени уметници, од страна на жирито во состав: Биљана Тануровска – Ќулавковски, Виолета Качакова, Јане Чаловски (Македонија) и Жером Летинтурие (одговорен за визулени уметности) и членовите на Административниот одбор на уметничката асоцијација 2angles.
Уметничката резиденција се реализира со финансиска поддршка на Министерство за култура на Р.Македонија, уметничката асоцијација 2angles и регионот Долна Нормандија.