Во Сирија или во затвор

Од:

Радио Слободна Европа – Прага

Неколкумина руски војници од градот Новоросијск одбиле да одат на „службен пат‟ во Сирија. Тие се повикале на немање писмена наредба и други кршења на законот. Меѓутоа, командата на војската наместо да ги заштити нивните права, се обратила до Федералната служба за безбедност со иницијатива според која војниците по договор можат да бидат обвинети по неколку члена на кривичниот закон, меѓу другото и за државно предавство.

Интернет изданието „Gazeta.ru‟ на 18 септември објави дека на железничката станица во Новоросијск се наоѓа т.н. мешана чета од 20 професионални војници по договор на Вооружените сили на Руската Федерација, чија команда има намера да ги прати во Сирија.

Тие во Новоросијск наводно се испратени за истовар на воена техника. Меѓутоа, во патната легитимација не им бил одреден датум на враќање, а командирот пред отпремањето во тој град рекол дека ги подготвуваат за службен пат во „кризно жариште‟.

Четворицата војници, вклучувајќи го и командантот Алексеј Н., соопштиле дека на цела чета, откако на 16 септември се сретнале со претставник на Генералштабот, им се одземени документите за ставање на виза во пасошите. Тој човек застанал пред нив во цивилна облека и изјавил дека наредбата за службениот пат во странство е „тајна‟. Потврдил и дека четата се упатува во сирискиот град Латакија.

Откако дознале дека ги праќаат во Сирија, војниците одлучиле официјално да го одбијат извршувањето на задачата која подразбирала одење на службен пат. Меѓутоа, според нивните зборови, во локалното воено обвинителство нивните молби не биле одобрени, а во случајот се вмешала и Федералната служба за безбедност (ФСБ).

Според податоците на изданието „Gazeta.ru‟, војниците тогаш се обратиле до Советот за човекови права при претседателот на Русија. Од тој Совет е упатено официјално барање до Мин. за одбрана да се проверат овие тужби. Истовремено секратарот за печат на претседателот на Русија, Дмитриј Песков, коментирајќи го текстот во „Gazeta.ru‟, изјавил, дека Кремељ нема податоци за извесни руски војници кои поднеле тужба поради упатување во Сирија.

Адвокатот Иван Павлов, кој преземал на себе обврска да ги брани интересите на тие војници, истакнал дека военото обвинителство седи со скрстени раце додека војниците трпат „проверки, сослушувања и закани, се до кривично гонење‟.

РСЕ: Дали ви е познато што сега се случува со овие војници? За колку точно луѓе се работи?

Павлов: Не можам да ви го кажам бројот, ни имињата на лицата кои ги застапувам, пред се поради нивна безбедност. Можам само да кажам дека ми се обратија група на војници кои, не обезбедувајќи им никакви информации, на слепо се обиделе да ги префрлат во едено од кризните жаришта. Откако добиле директни информации за какво патување се работи, прво се обратиле до военото обвинителство кое околу тоа апсолутно ништо не направило. Наместо да ги штити правата на војниците, тоа се повикало на воените контра разузнавачи и претставниците на ФСБ. Откако во медиумите се крена галама, состојбата малку се подобри, овие војници почнаа да се враќаат назад во местото каде се сместени нивните единици.Ние внимателно следиме што се случува. Ако против овие војници се преземат некои проверки и сослушувања, или ако бидат казнети, ние ќе покренеме процес правно и ќе ги браниме нивните права и интереси.

РСЕ: Според вашите информации, дали им се заканувале?

Павлов: Им се заканувале дека кривично ќе бидат гонети. Како што им рекле, се работело за обвинение за државно предавство.

РСЕ: Во што конкретно во овој случај е прекршен законот, од страна на Мин. за одбрана, од страна на военото обвинителство, од страна на останатите официјални инстанци?

Павлов: Од мој аспект во овој случај се работи за игнорирање на правата на војниците кои ги предвидува Уставот и законот за воена служба. Војниците кои потпишуваат договор се исти такви луѓе како вие или јас и тие се граѓани! Без оглед на тоа што се должни да „извршуваат наредби‟. Но, секоја наредба треба да биде јасна и разбирлива за да можат тие да донесат одлука дали таа војна е нивна или не е. Ако луѓето се праќаат на службен пат без да им се соопшти крајната дестинација, а тие на крај да сфатат дека ги праќаат во некое жариште, тоа секако е нарушување на условите на договорот, а и на законот.

РСЕ: Сите се согласуваат дека постои намера овие луѓе да се пратат во странство, надвор од границите на Русија, конкретно во Сирија, при што многумина тврдат дека овие војници, ако безбедно се вратат од т.н. „службен пат‟, би биле апсолутно немоќни во поглед на некои компензации во случај на можно нарушување на здравјето, исплати итн. А ако не се вратат, нивните семејства никогаш нема да можат да добијат некоја помош, а и не би можеле да добијат ни доказ за убиствата на своите синови, за време на вршење на воената должност.

Павлов: Во вакви услови обвиткани во тајна, кога не се знае каде ги праќаат војниците, зошто се праќаат, какви цели се поставени пред нив, секако настанува плодно тло за секакви злоупотреби од страна на воената команда. Овие војници на овој начин остануваат без социјални гаранции, што не би било случај ако наредбите им биле издадени по пропис. Војниците треба да бидат запознати со наредбите и треба да им биде понудена можност за избор. Бидејќи секој војник има можност на избор. Ако не се согласува со некоја наредба војникот може на маса да стави извештај и да каже: „Извинете, но под вакви услови не сакам да служам!‟.

РСЕ: Дали вработените во Мин. за одбрана, военото обвинителство и ФСБ сфаќаат дека се крши законот? Во Русија со години постоеше само еден пристап, дека војник не треба ништо да мисли, никогаш ништо не треба да прашува, само треба да „ја брани татковината по цена на сопствениот живот‟. Отстапувањето од ова, посебно од јавната заштита на сопствените права, публицитетот, обраќањето до повисоки инстанци, предизвикаа многу големо изненадување и неприфаќање, не само внатре во воените кругови, туку и кај поголемиот дел од населението. Рековте дека може да се слушне фразата „предавство на државата‟. Дали од аспект на толкување и почитување на законите и толкувањето на правата на војниците, се случиле било какви промени во главите на воените команданти од советските времиња?

Павлов: И да се случиле, ние не ги забележуваме. Бидејќи кон луѓето се уште се однесуваат така како што се однесувале во времето на СССР кон Советската армија, како кон топовоско месо, како кон бесправни робови. Без оглед на тоа што на сите разумни луѓе им е јасно дека современа и ефикасна армија може да се гради само на слободни луѓе, по пат на правен систем со договори, кога секоја од страните е свесна за своите обврски, а никако на потчинет војник. Командантите треба да сфатат дека и тие имаат одредени обврски кон своите потчинети.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Израел погоди станбена област во Дамаск, меѓу загинатите има жени и деца

Катерина Ѓуровски

Иран го предупреди Израел: Ќе ви одговориме уште посилно, ставете не во искушение

Во израелски напад на Дамаск загина и познатa сириска новинарка

Израел го ликвидирал братот на Башар ал Асад ?

Израелска армија: Го убивме лидерот на Хамас во Сирија

Серија израелски напади врз Сирија, најмалку пет лица загинаа, 19 се ранети