Водечките германски политичари, вклучувајќи ја и канцеларката Ангела Меркел, се убедени дека националната економија може без драматични последици да ја надмине кризата по скандалот со софтверот што лажно го прикажувал нивото на загадување кај дизел моторите на „Фолксваген“.
– Германија ќе заздрави од кризата што силно ја погоди нејзината економија, смета првиот човек на Европскиот парламент, Мартин Шулц кој е член на втората по моќ германска партија, Социјалдемократската партија на Германија (СПД).
Според него, како што јави дописникот на МИА од Берлин, иако се работи за силен удар врз Германија, не само националната економија, туку и компанијата „Фолксваген“ ќе се опорават во догледно време.
Сепак Шулц процесот на заздравувањње го поврзува со начинот со кој Германија и „Фолксваген“ ќе го решаваат проблемот. Тој смета дека резултатот ќе зависи од тоа дали брзо ќе биде повратена загубената довербата, но и од брзата реакција на институциите што треба да ги казнат оние кои го предизвикаа скандалот.
И канцеларката Меркел признава дека се работи за голем удар за Германија, но не очекува долгорочни штети на имиџот на земјата, како сериозна економија. Таа смета дека репутацијата на германската индустрија и довербата во германската економија не се толку нарушени, за Германија повеќе не се смета за добро место за водење бизнис.
Новиот прв човек на „Фолксваген“ Ханс Дитер Поеч смета дека и покрај тоа што скандалот драматино влијае на оперативноста на компанијата. таа ќе преживее.
„Фолксваген“ веќе одобри околу 6,5 милијарди евра за покривање на трошоците предизвикани од вградување тона софтвер кој ги лажирал податоците за загадување на животната средина кај 11 милиони возила во триесетина земји.
Пред два дена германската Влада побара сите трошоци што ќе ги имаат сопствениците на возилата да ги покрие „Фолксваген“, кој до крајот на оваа година треба да плати десетици милијарди евра на банки и други компании кои не се поврзани со скандалот со дизел возилата.
Весникот „Велт ам Зонтаг“ денеска објавува дека поради новонастанатата криза, „Фолсваген“ планира да го ревидира планот за инвестиции вредни 100 милијарди евра во наредниве три години.