Судири на верска и етничка основа во центрите за бегалци во Германија

Од:

Директорот на Меѓународната асоцијација за човекови права со седиште во Франкурт, Макс Клингберг предупредува дека во центрите за бегалци во Германија се случуваат инциденти кои најчесто имаат верска позадина, но чести се и судирите на етничка основа.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, според Клингберг, најчести жртви на насилство во центрите за бегалци се христијаните, Курдите и jазидите.

– Добиваме извештаи за закани за насилство, вклучувајќи и закани за обезглавување, од сунити кон шиити и обратно, но најчесто најпогодени се јазидите и христијаните. Тие што преминале од ислам во христијанство и кои што не ја кријат својата нова религија се соочуваат со 100 отсот можност да бидат нападнати, тврди Клинберг.

Предходно шефот на германското разузнавање Ханс Георг Масен предупреди дека членови на салафистички групи, кои се претставуваат како доброволци или хуманитарни работници, бараат контакт со бегалците за да ги регирутираат во своите радикални исламистички организации.

Поради сериозноста на ситуацијата во бегалските центри, германската полиција во неколку наврати побарала бегалците од различни религии и етничка припадност да бидат сместени во различни центри, но властите засега одбиваат да го сторат тоа со аргумент дека на тој начин би се вовел принцип на сегрегација, што е против германските мултикултурни вредности.

Дел од германските политичари пак сметаат дека одделното сместување на азилантите е логистички невозможно и прескапо.

Според полицијата, во дел од азилантските центри барателите на азил наметнуваат исламско шеријатско право при што главно жртви се христијаните, језидите и Курдите, но во инцидентите во кои понекогаш се вклучени и стотина луѓе, жртви се мигранти од сите религии, кланови, етнички и национални групи кои меѓусебно се напаѓаат.

Во интервју објавено во весникот „Велт“ минатата недела, еден конвертит од ислам во христијанство тврди дека од Иран избегал затоа што не можел да каже јавно дека е христијанин, а сега му се случува истото и поради страв од напади мора да ја крие својата вера.

За време на рамазанскиот пост, иранскиот бегалец, кој одбил да го каже својот идентитет, бил повикан да пости, а кога одбил бил навредуван и вербално нападнат.

Вакви вербални и физички напади досега се забележани во голем број центри за бегалци во десетина градови во германските сојузни покраини Западна Рајна Вестфалија, Баварија и Долна Саксонија. Инцидентите покрај религиозна или етничка позадина понекогаш се предизвикани и од други мотиви како кражби или лична нетрпеливост.

Според директорот на Централниот комитет за источно христијанство, со седиште во Минхен, Симон Јакоб, овие инциденти се врв на сантата мраз.

– Сегашниот број на напади е многу висок и ние треба да очекуваме понатамошни конфликти кои емигрантите ги носат со себе од матичните земји. Меѓу христијани и муслимани, меѓу шиити и сунити, меѓу Курди и екстремисти, меѓу јазиди и екстремисти, вели Јакоб.

Првиот човек на германскиот полициски синдикат Рајнер Венд во интервју за весникот „Пасауер Ноје Пресе“ предупреди на постоење „брутални криминални структури“ кои имаат контрола врз бегалските центри затоа што полицијата нема доволно капацитет да се справи со сите задачи. И тој повика христијаните и муслиманите да бидат сместувани во различни згради пред некој да биде убиен.

– Посебна приказна е насилството врз жените и децата. Тие најчесто се плашат да поднесат жалба за своите грозоморни искуства со сексуално злоставување и силување, вели Венд.

Интервјуто на Венд беше испровоцирано од судирот на околу 300 мигранти од Албанија со 70 пакистански азиланти во бегалски центар во Калден во државата Хесе на 27 септември. Најмалку 12 баратели на азил и тројца полицајци беа повредени во тепачката која избила во редот за храна. Во овој центар живеат 1.500 мигранти од 20 различни земји и од повеќе од 30 верски, етнички и национални припадности.

Предходно полицијата не ја информираше јавноста цела недела за инцидентот од 13 септември, кога во истиот камп во судир меѓу пакистански и сириски мигранти биле повредени 60 лица од кои 10 деца.

До крајот на 2015 година, според очекувањата на германските власти, во земјата треба да влезат околу еден милион мигранти од над 40 земји, кои би биле припадници на стотина верски, етнички и национални групи. Задачата на германските власти да го одржуваат мирот во бегалските центри се чини многу потешка од таа за обезбедување храна и сместување на прогонетите од војните или на економските мигранти

Би можело да ве интересира

Германско државјанство нема да добијат оние кои објавуваат: „Израел е убиец на деца“

Русија се вооружува: „Украина е само почеток“

Германија: Нема да ги укинеме ограничувањата за употреба на западно оружје со долг дострел

ВИДЕО: Полицајци во Берлин бркаат и приведуваат дете со палестинско знаме, снимката предизвика реакции

Катерина Ѓуровски

Тепачка во трговски центар во Германија, еден ранет, неколкумина повредени

Падна првиот снег

Предраг Петровиќ