Новата сезона во Формула 1 ќе започне на 20 март 2016 година, односно две недели порано од терминот што беше објавен во текот на јули годинава.
Трката за Големата награда на Австралија на патеката Алберт Парк во Мелбурн останува премиерна, но е поместен датумот на нејзиното одржување. Истото ќе важи и за последните предсезонски тестирања кои исто така ќе треба да се изведат порано од планираното.
– Промените се донесени во консултација со Светскиот моторспорт совет. Првата трка во сезоната останува иста, само што ќе се одржи две недели порано, се вели во соопштението од Формула 1.
Идната сезона ќе има и промена во дел од распоредот на трките. Така место трките во Сингапур и Јапонија, сега се врзани трките во Сингапур и Малезија, како две соседни држави, и тие ќе се возат во вториот дел на септември.
Сменет е и терминот на трката за Големата награда на Русија во Сочи која наместо во септември, ќе се вози во мај.
Сезоната ќе има рекордни 21 трка, а нова трка е онаа низ улиците на Баку која ќе се вика Голема награда на Европа.