Министерството за внатрешни работи, во рамки на оперативната акција „Мрежа“ за сузбивање трговија со дрога, реалзираше три одвоени случаи на недозволена трговија со дрога при што запленети скоро 12 килограми марихуана. Полицијата поднесе кривична пријава против осум лица поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по Кривичниот законик на Р. Македонија.
Како што информираат од МВР, во првиот случај на 27 септември во 22,50 часот на патарината Тетово, патен правец Тетово-Гостивар од страна на полициски службеници при обид да се сопре патничко моторно возило марка “Фолксваген Фајтон“ со скопски регистарски ознаки не застанало, односно ја пробило рампата на патарината по што од страна на друга полициска екипа возилото е запрено.
По извршен преглед над возилото,кое го управувал Џ.Б. (27) од Студеничани, Скопско, а совозач бил Р.Џ. (27), исто така, од Студеничани, во задниот дел, поточно на подот позади совозачкото седиште, пронајдена е една најлонска вреќа бела боја во која имало четири полиетиленски пакувања облепени со кафена самолеплива лента исполенти со растителна материја со зелена боја во тежина од околу шест килограми. Одземената растителна материја е предадена во Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР на РМ каде што е констатирано дека се работи за опојна дрога марихуана.