Елементариум – Белград
Пред 70.000 години, напуштајќи ја плодната и топла клима на Африка, од уште непознати причини, првата група на нашите предци ја населиле југоисточна Азија и Австралија. Со друга група која тргнала на пат кон Блискиот исток и продолжила до централна Азија, човечкиот вид по 10 милениуми стигна на преостанатите континенти.
Како социјален феномен, миграцијата е присутна одамна. Се јавува во сите општества и поради различни историски, социјални и културни разлики, а реакциите на поединци и заедници на миграцијата можат да бидат многу различни.
Во модерното општество кое се истакнува по мобилност и проток на информации, миграциите стануваат составен дел на општеството. Дури, нивниот обем и обрасци стануваат се посложени.
Низ историјата, миграциите се случувале доброволно или присилно, внатре или преку границите на една земја, во мали или големи групи. Причини за селењето можат да бидат разни – религиски, класни, национални, племенски, економски. Големите географски откритија од 15 до 17 век, им открија на Европјаните нови светови, исполнети со природни богатства и плодна земја. Остварените трговски врски придонеле за брз развој на колонии и богатење на матиците. Европјаните, поттикнати од приказните за богатствата, го препливуваат океанот и го пренесуваат јазикот, религијата и културата, па го обликуваат животот на колониите по примерот на земјата на потеклото.
Инспирирана од економски причини, оваа доброволна миграција покрена и една присилна, трговија со африкански робови. Физички силни, навикнати на тропска клима и по отпорни на болести кои се јавуваат таму, Африканците биле ефтина работна сила неопходна за плантажите на шпанската, француската и англиската круна. Зборот миграција се опишува како движење на луѓе од едно место во друго, со цел за постојана или привремена промена на местото на живеење. Нераскинливо е поврзана со историјата на човечкиот вид.
Додека дел од Европа се иселувал во Новиот свет, Евреите и Маврите поради притисокот од Инквизицијата ја напуштиле Шпанија во 1590 година и се упатиле кон Отоманското царство. На подрачјето на Балканот се одиграле две големи преселби на Србите, 1690 и 1737 година. Бесплатната плодна земја, загарантираната слобода на вероисповед и поголемите права биле причина за заминување на околу 185.000 Срби од Отоманското царство.
Веројатно најголемата масовна миграција во историјата, се одиграла во 1947 година при настанокот на двете држави Индија и Пакистан. Се проценува дека приближно 4,5 милиони луѓе ги напуштиле своите домови поради верски и други причини. Муслиманите се упатиле кон Пакистан, а членовите на Хинду и Сик заедницата кон Индија.
Во модерното време, демографите разликуваат четири видови на миграции.
Сезонската се однесува на работници кои кружно се движат меѓу села, каде обработуваат земја, и кон градот каде работат повремени работи надвор од земјоделската сезона. Вториот вид на миграција, која посебно е изразена во земјите во развој, е селење од рурални кон урбани подрачја, поттикнати од побрзо добивање на работа и подобри услови за живот. Во развиените земји забележан е трет вид на миграција, селење од градски во приградски населби, а како причини се наведува подобрениот квалитет и намалување на трошоците за живот. Четвртата миграција е меѓународна и се однесува на селење надвор од границите на земјата со потекло.
Во потрага по подобар живот
Во проучувањето на миграциите, социолозите и демографите разликуваат негативни и позитивни фактори.
Негативните фактори се однесуваат на местото кое го напуштаат и ги претставуваат причините за одење од местото на потеклото. Опфаќаат: слаба здравствена нега, страв од мачење и притисок, неможност за исповедање на религијата или политичките убедувања, недостигот на работни места, лошите услови за живот, недостиг на можност за усовршување и образование, природни катастрофи.
Позитивните фактори се однесуваат на местото во кое мигрантот се упатил и објаснуваат зошто мигрантот го одбрал токму тоа место или држава за живот. Тие опфаќаат: физичка безбедност, подобра медицинска нега, повисок стандард за живот, можност за добивање на работа, образование, спојување на семејството.
Земјата или местото на доаѓање најчесто добива млада мигрантска популација, која може да ги пополни празните работни места и со својот придонес и даноци да ја зголемат државната каса. Со пополнување на работните места расте производството и стопанството побрзо се развива.
Учесникот во миграциите се нарекува мигрант. Ако се иселува од земјата со потекло, се нарекува емигрант, а неговата постапка емиграциска. Во земјата каде доаѓа се нарекува имигрант, а неговото доаѓање имиграција.
Имигрантите донесуваат нова енергија, идеи и култура, па може да дојде до создавање на мултикултурни места за живот. При мешањето на многу различни култури можат да се јават тензии меѓу малцинските и мнозинските заедници и да предизвикаат расни, национални и верски конфликти.
Во земјите од каде заминале се намалува невработеноста, а емигрантите со праќање на пари до своите најблиски индиректно помагаат на земјата со свое потекло. Емигрантите се враќаат со подобро образование, вештини, пари и меѓународни контакти.
Негативната страна на емиграцијата е губење на млада образована работна сила, што носи и економски последици на подолги патеки. Покрај економските и културните влијанија, емиграцијата може да оствари позитивно влијание и на социјалните теми како зачувување на животната средина или подобрување на правата на загрозените категории на општеството.
Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина предлага миграцијата да не се гледа како недостаток, туку како предност и знак за прилагодување, посебно ако ги земеме предвид неизбежните последици од климатските промени. Според нивно мислење, неопходно е да се искористи целиот економски и општествен потенцијал на миграциите, а да се предупреди на негативните ефекти, како во земјите на потекло така и во земјите на доаѓање.