„За првпат дебармаалци ќе добијат свој парк. На местото на поранешното “Кино Карпош“, општина Центар започна со комплетна реконструкција на просторот и поставување на зеленило, на површина од 500 м2.
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, денеска присуствуваше на почетокот на формирање на оваа зелена оаза, опкружена со згради. Просторот ќе го красат 15 листопадни, цветни јапонски цреши, со обем на стебло од 12 – 14 см кои, кога цветаат, создаваат спектакуларен пејсаж. Под дрвјата ќе се засадат зимзелени, колоритни грмушки. Дел од нив, во текот на годината ја менуваат бојата, од светло зелена на пролет и лето, преку шарена во есен, до црвена на зиме.
Покрај ѕидот кој ја оградува парцелата на зградата со локацијата, ќе бидат засадени повисоки зелени грмушки и 7 други растенија.
Ќе биде поставен готов тревен бусен, за да се оформи веднаш паркот, како и автоматски систем за наводнување. Општина Центар за жителите од Дебар Маало и останатите минувачи ќе постави и нова урбана опрема“, се вели во соопштението на Општина Центар.